Палети за контурирање

by Alekk Potter

Оваа година беше посветена на дефинираните црти и вниманието кон деталите. Контурирањето и осветлувањето беа голем тренд кој што ќе остане една од најглавните алатки за создавање на совршената мејкап трансформација. Зашто е овој тренд толку примамлив? Затоа што со неколку едноставни чекори можете да ги оживеете вашите скриени црти, да ги истакнете, да создадете илузија и да направите магија. Да, според мене контурирањето претставува магичен трик и лесно може да стане вашата нова опсесија.

Јас лично обожавам контурирање. Може да се направи на многу различни начини и тоа е тоа што го прави да биде интересено искуство. Долго време користев бронзер, хајлајтер и камена пудра за да го создадам ефектот но сега се појавија палети кои го прават целиот процес поедноставен и побрз. Палета наменета за затемнување и осветлување беше создадена од Аура, бренд кој ми е еден од моите најомилени, и доколку ми го прочитате блогот ќе знаете дека навистина се радувам кога ќе излезат нови нивни производи на пазарот.

Новата палета за контурирање Face Contour Palette од Аура беше #љубов на прв поглед! Оваа палета доаѓа со две опции: посветлата Fair и потемната Dark. Иако беше логично да ја земам посветлата затоа што имам светла кожа, се решив да ја земам потемната бидејќи понекогаш сакам поистакнати контури и мешањето на нијансите ќе ми го дозволи тоа. Ако не сакаш да екпериментираш тогаш ти препорачувам да ја земеш онаа палета која повеќе одговара на бојата на твојата кожа.

Пакувањето е едноставно, тенко и лесно, совршено за во несесерот со шминки. Кога ќе ја отворите палетата ќе ги видите прекрасните нијанси, огледало со оптимална големина и можете да го осетите прекрасниот сладок мирис на пигментите. Добивате 4 нијанси, најсветлата е мат и наменета за фиксирање, наредната има бисерни елементи и е наменета за нежно осветлување, третата светол, мат бронзер додека последната, четвртата е темен, мат бронзер. Секоја од нив е 4 грама и имаат рок на траење до 36 месеци. На страна од одличниот квалитет на производот, најдобриот дел е тоа што неговата цена е 360 денари што е супер, според мене.

Оваа палета е одлична и за почетници и за професионалци. Би ја препорачала на секому! Навистина е едноставна и практична за користење, производот убаво се нанесува на кожата, лесно се изедначува и можете да го надоградувате по потреба и по ваша желба. Мој совет е да започнете со помалку и постепено и со трпение да нанесувате повеќе. Ова е најлесниот и најбезбедниот начин да одбегнете правење на грешки. За најдобри резултати ќе ви биде потребна четка. И најважно, пред да започнете со контурирање, на чиста и подготвена кожа нанесете пудра со висока покривност која ќе ви го направи лицето совршено, скријте ги несовршеностите со корекор и нанесете камена пудра. На овој начин имате одлична основа и сте спремни за контурирање!

posted by iamalekkpotter.com